Полицијата во Црна Гора уапси три лица осомничени за лихварство и загрозување на безбедноста, откако едно семејство од Улцињ, според истрагата, било оштетено за речиси два милиони евра.
Станува збор за П.К. (33), Г.В. (47) и Д.И. (58), кои се сомничат дека на оштетениот му позајмиле 20.000 евра со висока лихварска камата, а потоа преку систем на спортско обложување и дополнителни „пенали“ го довеле во огромни долгови.
Според наводите на истрагата, до крајот на мај годинава неговиот долг пораснал на околу 500.000 евра. Осомничените наводно упатувале закани и кон членовите на неговото семејство со цел да ги наплатат побарувањата.
Под притисок, оштетениот префрлил стан вреден околу 400.000 евра на еден од осомничените, продал повеќе недвижности во Подгорица по цена пониска од пазарната, а дополнително исплатил околу 150.000 евра.
Полицијата проценува дека на овој начин осомничените стекнале противправна имотна корист од речиси два милиони евра.
Покрај тоа, П.К. и Г.В. се товарат и за загрозување на безбедноста на родителите на оштетениот. Според полицијата, тие пред неколку дена, користејќи ладно оружје, упатиле сериозни закани кон нив во близина на угостителски објект во Улцињ.
Во рамки на истрагата привремено е одземен и луксузен автомобил „Мерцедес Г-класа“, а надлежните најавуваат продолжување на акциите против лихварските мрежи.
Полицијата соопшти дека во моментов истражува околу 20 случаи на лихварство, а досегашните истраги покажуваат дека жртвите доаѓаат од различни општествени слоеви. Последиците најчесто вклучуваат губење на имот, сериозни финансиски проблеми и семејни трагедии.



