Мицкоски: Македонија мора да забрзува

Премиерот Христијан Мицкоски денеска соопшти дека во текот на денешниот и утрешниот ден ќе бидат исплатени субвенциите од две милијарди денари за тутунарите, иако законскиот рок за нивната исплата е до 30 јуни.

Мицкоски ова го истакна за време на денешната посета на Битола, каде во индустриската зона „Жабени“ присуствуваше на отворањето на нова фабрика.

Во одговор на новинарско прашање, премиерот посочи дека во 2024 година, кога ја презеле власта, затекнале и исплаќале заостанати субвенции уште од 2021 година, додека сега веќе се исплаќаат тековните обврски.

„– Ако се собере вкупниот број на исплатени субвенции од страна на владата на СДСМ и ДУИ во периодот 2021, 2022, и 2023 година како директни плаќања и поддршка на Програмата за рурален развој, тогаш ќе дојдеме до вкупна сума за три години помала од 14 милијарди денари. Оваа Влада, за две години, има исплатено околу 15 милијарди денари што значи една милијарда денари повеќе отколку што тие исплатија за три години. Тоа е вистината и ова се бројки“, рече Мицкоски.

Премиерот направи и споредба со состојбите од пред четири години, нагласувајќи дека тогаш тутунот се откупувал за 150 денари за килограм, додека сега се потпишуваат договори за откуп од 450 денари.

„– И она што е различно е дека тогаш имавме 16,17 18 милиони килограми тутун, а сега имаме 26,27, 28 милиони килограми тутун“, рече Мицкоски.

Advertisements

Тој упати и критики до политичките неистомисленици, оценувајќи дека опозицијата се обидува да ги манипулира граѓаните и земјоделците во државата.

„– Секогаш сакам да зборувам за бројки, а не за конструкции кои, за жал, очајната опозиција која нема идеја и не знае како, се обидува да ги манипулира граѓаните и земјоделците. Жалам што имаме опозиција каква што е, но ние мораме да одиме напред, Македонија мора да забрзува“, рече Мицкоски.