Бојан Илиевски од Скопје ја освои публиката и триумфираше во 19. сезона на музичкото шоу „Ѕвездите на Гранд“, но зад неговиот успех се крие и една тешка лична битка за која досега малкумина знаеја.
Неговиот ментор Ѓорѓе Давид откри дека во текот на натпреварувањето Бојан се соочувал со сериозен проблем – зависност од коцкање.
– Во петтиот круг имаше сериозен проблем. Тој проблем се викаше коцка. Без многу размислување тргна по пат кој можеше да го одведе во погрешна насока. Му беше поставен услов – или ќе се избори со тоа, или сè ќе заврши. Ова не е само негова победа во „Ѕвездите на Гранд“, ова е победа на разумот – изјави Ѓорѓе Давид.
Тој додаде дека бил строг кога станувало збор за вакви работи и дека не му дозволил на Бојан да се откаже, верувајќи дека може да излезе како победник и во животот, а не само на сцената.
И покрај сите предизвици, Бојан продолжи да работи на себе, да се посветува на музиката и од настап во настап да ја добива поддршката од публиката.
Скопјанецот, кој е дипломиран музичар и професионален пејач, уште од претходните сезони им е познат на гледачите на „Ѕвездите на Гранд“. Како свои најголеми музички идоли ги истакнува Тоше Проески и Шабан Шаулиќ.
Со серија впечатливи настапи и огромна поддршка од гледачите ширум регионот, Бојан на крајот ја освои титулата победник според гласовите на публиката и ја подигна статуетката на „Гранд Ѕвезда“, крунисувајќи го својот долг и тежок пат до успехот.



