Случајот на млад водоинсталатер од Австрија предизвика големо внимание во јавноста откако добил вонреден отказ само два дена откако пријавил боледување.
Според информациите на австриските медиуми, работникот навремено доставил лекарско уверение за да го оправда своето отсуство од работа. Наместо разбирање од работодавачот, набргу добил повик да ја врати работната облека, а потоа бил одјавен од фирмата со датум од почетокот на боледувањето, како никогаш да не бил вработен.
Работодавачот како причина навел „пропусти во работата“, но не приложил конкретни докази, ниту претходно му издал опомена на работникот.
Во случајот се вклучила Работничката комора на Долна Австрија, која по правна анализа утврдила дека отказот бил незаконски.
По спроведената постапка, на работникот му била обезбедена отштета поголема од 9.200 евра, во која се вклучени неисплатени плати, надоместоци и други права кои му следувале според договорот за работа.
Австриските закони дозволуваат вонреден отказ само во исклучително сериозни ситуации, како тешко прекршување на работните обврски или загрозување на безбедноста, додека уредно оправдано боледување не може да биде причина за отпуштање.
Овој случај повторно ја отвори дебатата за заштитата на работничките права и границите на овластувањата на работодавачите во Австрија и пошироко во Европа.



