Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, соопшти дека е постигнат голем напредок во првата рунда преговори меѓу Иран и САД во Швајцарија.
Според него, извозот на нафта и петрохемиски производи е изземен од санкции, дел од замрзнатите средства се ослободени, а договорен е и план за обнова и развој на Иран. Како прв тест за договореното ја посочи ситуацијата во Либан.
Во меѓувреме, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да спречи нова ескалација во Либан, стравувајќи дека тоа би можело да ги загрози преговорите со Техеран.
Од друга страна, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху порача дека израелските сили ќе останат во Јужен Либан „колку што е потребно“ и дека нема да ја промени таа политика.
Политичкиот дел од иранската делегација веќе ја напушти Швајцарија, додека техничките тимови остануваат за продолжување на разговорите. Во следната фаза се очекува да учествуваат и посредници од Катар и Пакистан.
Швајцарските власти соопштија дека е постигнат „конструктивен напредок“ и е договорена патна карта за натамошните преговори, кои ќе се фокусираат на иранската нуклеарна програма, санкциите и механизмите за надзор на договорот.



