Бојан Јовановски, попознат во јавноста како Боки 13, се огласи на социјалните мрежи откако во медиумите се појавија информации дека неговиот дом во Скопје бил мета на провала и тешка кражба.
Тој потврди дека инцидентот навистина се случил и откри дека во моментот на провалата не се наоѓал во Македонија, туку бил во Белград.
„За да престанат сите шпекулации и бројните медиумски повици, ја известувам јавноста дека е точно оти бев жртва на тешка кражба и провала во мојот дом во Скопје, која се случила во раните утрински часови денес“, напиша Јовановски.
Тој додаде дека поради интересите на истрагата во овој момент не може да споделува дополнителни информации или детали за случајот.
„Точно е и дека во моментот на настанот се наоѓав во Белград. Поради тековната истрага не сум во можност да давам дополнителни изјави, коментари или информации поврзани со случајот“, наведе Боки 13.
Откако бил известен за кражбата, Јовановски веднаш тргнал кон Скопје за да се информира за сите околности околу настанот.
Во својата објава тој побара јавноста и медиумите да ја почитуваат неговата приватност, а на надлежните институции да им се овозможи непречено и професионално да ја завршат работата околу истрагата.
Случајот засега е во рацете на истражните органи, а повеќе детали се очекуваат по завршувањето на постапката.



