Почина еден од најпознатите македонски бизнисмени, истрагата е во тек

Марјан Јованов, во јавноста познат како Мане Левис, е пронајден починат во дворот од својот дом во скопската населба Карпош, потврдија од Министерството за внатрешни работи за порталот „Скопје1“.

Јованов беше познат македонски бизнисмен и долгогодишен дистрибутер на брендот „Левис“ во земјава. Во јавноста беше познат и како еден од обвинетите во предметот „Шпански скали“.

Од МВР информираат дека случајот бил пријавен на 28 јуни околу 18:15 часот.

„На 28.06.2026 во 18:15 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Карпош, во базен во двор од куќа, бил пронајден починат М.Ј. (58) од Скопје. Од страна на лекар од Итна медицинска помош констатирана била смрт без видливи траги на насилство. Извршен е увид, а по насоки од јавен обвинител телото на починатиот е предадено во Судска медицина за обдукција“, соопштија од МВР.

Причините за смртта засега не се познати. Тие ќе бидат утврдени по извршената обдукција, додека надлежните институции продолжуваат со постапката за целосно расчистување на случајот.