Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ) денеска упати обвинувања до премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, тврдејќи дека тој стои зад организацијата на дебата најавена за утре, а која според нив има цел разединување на опозицискиот блок. Кристијан Дојчиновски од СДММ на прес-конференција истакна дека настанот се организира тајно.
Според опозициската младинска организација, официјалната тема на утрешниот настан е политичкиот плурализам, но вистинската намера е политички инженеринг.
„Утре во 12:05 часот, овде ќе се одржи настан за кој не се знае кој го организира, не се знае кои се учесниците и не се знае која е вистинската цел. Единствено што се знае е темата: „Политичкиот плурализам и состојбата на опозициското делување“. Во превод, тоа значи создавање на повеќе опозициски блокови по моделот на Вучиќ од Србија – разбивање на гласовите и збунување на граѓаните“, изјави Дојчиновски.
Од СДММ тврдат дека дебатата намерно се води под правила за тајност со цел да се сокријат политичките мотиви кои, според нив, се поврзани и со странски влијанија.
„Ова не е отворена дебата за иднината на Македонија. Ова е класичен начин на кој Христијан Мицкоски создава свои сателити, ЗНАМ, 2.0. Кога Мицкоски сака да направи нов политички проект за разбивање на опозициските гласови, тој не го делать тоа јавно. Тој собира луѓе без имиња, во сала без име, со организатор без име, и под странски правила за тајност, разговара за „иднината на државата“. Играчи кои треба да ја обликуваат судбината на Македонија според туѓи интереси – интереси на Христијан Мицкоски и агенди на други држави, како Русија и Кина“, додаде тој.
Дојчиновски ја повика јавноста и сите демократски сили на обединување околу нивната политичка платформа, нагласувајќи дека европскиот пат останува единствена опција.
„Единствената вистинска опозиција ќе биде обединета околу Фронтот за вистина и правда. Вратите на Фронтот се отворени за сите што сакаат демократско општество, без лаги и корупција. Општество што знае дека Европа нема алтернатива. Сè друго е проект на организирана криминална група, предводена од нејзиниот шеф, Христијан Мицкоски. Фронтот има име и презиме – Македонија и Европа. Тоа е лицето на иднината. Тоа се вика патриотизам“, заклучи претставникот на СДММ.



