Светот се простува од легендарна актерка – нејзините улоги ќе се паметат засекогаш

Британската актерка Пенелопе Кит, една од најпрепознатливите ѕвезди на британската телевизија и театар, почина на 86-годишна возраст по битка со ракот, соопшти нејзиното семејство.

Во соопштението се наведува дека актерката починала во својот дом во Сари, каде што живеела повеќе од пет децении.

Пенелопе Кит ја започнала својата актерска кариера на театарската сцена, а во 1963 година станала член на Кралската шекспирова компанија. Најголемата популарност ја стекнала со улогата на Марго Лидбетер во култниот британски ситком „Добриот живот“ (The Good Life), за која во 1977 година ја добила престижната награда БАФТА.

Во серијата ја толкувала улогата на префинетата и строга соседка Марго, лик што ја направи омилена кај публиката и остана еден од највпечатливите во британската телевизиска историја.

Нејзината колешка Фелисити Кендал, која ја играше Барбара Гуд, се прости од неа со зборовите дека Пенелопе Кит била „комичен гениј“ и дека било вистинско задоволство да се работи со неа.

Advertisements

Покрај „Добриот живот“, Кит остави силен белег и со главната улога во серијата „To the Manor Born“, а нејзиниот препознатлив глас можеше да се слушне и во детската емисија „Телетабиси“, како и во бројни документарни проекти и реклами.

И во подоцнежните години остана активна на театарската сцена, а лондонските театри во Вест Енд ќе ги изгаснат светлата во нејзина чест.

Во 2014 година ѝ беше доделена титулата Дама за исклучителниот придонес во уметноста и хуманитарната работа.

Зад себе го остави сопругот Родни Тимпсон, со кого беше во долгогодишен брак.