Тажна вест: Згасна животот на легендарен филмски актер

Шведскиот актер Кјел Нилсон, најпознат по улогата на Хјумангус во култниот акционен филм „Побеснетиот Макс 2“ (Mad Max 2), почина на 76-годишна возраст по долга и тешка борба со болест на бубрезите.

Тажната вест ја потврдија неговото семејство и менаџерот Крис Карбо. Нилсон починал на 2 јули во Квинсленд, Австралија, мирно во сон, опкружен од своите синови.

Според семејството, актерот повеќе од четири и пол години се борел со неизлечива болест на бубрезите и трипати неделно одел на дијализа. Минатата недела донел одлука да ја прекине дијализата, избирајќи достоинствено да се збогува со животот.

Иако лекарите не му давале големи шанси, Нилсон успеал да живее уште четири години по откажувањето на функцијата на бубрезите. Покрај тоа, се соочувал и со сериозни проблеми со згрутчување на крвта, но благодарение на силната волја и долгогодишната физичка подготовка успевал да ги надмине бројните предизвици.

Пред актерската кариера, Кјел Нилсон бил врвен шведски кревач на тегови. Во Австралија се преселил во 1980 година, а токму таму ја започнал својата филмска кариера. Светска слава стекна со улогата на Хјумангус во „Побеснетиот Макс 2“, која останува една од највпечатливите негативни улоги во историјата на акциониот филм.

Зад себе остави богата филмска кариера, пет синови и милиони обожаватели кои ќе го паметат по неговата харизматична појава и незаборавните улоги.

Advertisements