Левица: Зошто исчезна идејата за една изборна единица?

Не се точни изјавите на Мицкоски дека нашите барања во Работната група за измена на Изборниот законик биле целосно прифатени. Напротив, нашите барања беа пред сѐ, една изборна единица и укинување на платеното политичко рекламирање и беа одбиени. Во текот на целиот процес за подготовка на Изборниот законик во Работната група, Левица беше конструктивна, целеше кон консензус и имплементирање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, се наведува во соопштението на Левица.

„Една изборна единица и нов Изборен законик беше причината поради која Работната група воопшто беше формирана. Една изборна единица не е ново барање на Левица измислено преку ноќ, за неа се говори со децении. Таа стои запишана дури и во партиската програма на ДПМНЕ. Пред само една година, Мицкоски лично апелираше за нејзино имплементирање како вистинска демократска реформа.

Денес, истата таа идеја не само што ја нема во предложениот текст на законикот, туку целосно исчезна и од речникот на ДПМНЕ. Наместо реформа што обезбедува вреднување на секој глас, јавноста се занимава со тема која вчера не постоеше, а денес одеднаш е претставена како предуслов без кој нема изборни реформи и демократија – електронско гласање на дијаспората.

Најголемата измама на која ДПМНЕ инсистира е дека електронското гласање на дијаспората е најважното прашање за македонската демократија. Не е и никогаш не било. Тоа не е препорака на ОБСЕ/ОДИХР, не беше ветувано, ниту пак беше причина за формирање на Работната група. Тоа прашање беше вметнато буквално на самиот финиш на работата на Работната група и нешто за кое не се постигна консензус“, соопштија од Левица.