Голема семејна трагедија ја потресе Велика Британија, откако мајка и нејзината 15-годишна ќерка го загубија животот во несреќа на плажата Вест Мерси, во близина на Колчестер, во англиската област Есекс.
Во трагичниот настан загинаа 40-годишната Шелина Рахман, наставничка со потекло од Бангладеш, и нејзината 15-годишна ќерка Самеха Рахман.
Шелина беше сопруга на д-р Монсур Рахман, лидер на организацијата „Jubo Dal UK“, младинското крило на Националистичката партија на Бангладеш во Велика Британија.
Трагедијата е уште потешка бидејќи и седумгодишно дете од семејството било извлечено од морето во тешка состојба.
Детето е пренесено во болница во Лондон, каде што се наоѓа на апарати за одржување во живот, а лекарите се борат за негово спасување.
Според првичните информации, несреќата се случила во средата навечер, кога повеќе членови на семејството влегле во морето.
Во еден момент наишла силна плима, а песокот под нивните нозе попуштил, по што биле повлечени од силните морски струи кон подлабоките води.
На местото веднаш пристигнале спасувачки екипи и започнале со реанимација, но и покрај сите напори, за мајката и нејзината ќерка немало спас.
Плажата Вест Мерси и претходно била посочувана како опасна за капење, бидејќи нема постојана спасителска служба.
Локалните власти и жителите со години предупредуваат дека ненадејните плими, силните подводни струи и брзото покачување на нивото на морето претставуваат сериозен ризик за посетителите.



