Намалена проекцијата за раст на македонската економија

Светска банка ја намали проекцијата за раст на македонската економија за оваа година. Првично проектираниот раст од 2,7 отсто, од октомври минатата година, во најново објавената прогноза за светската економија, за Македонија се предвидува раст од 2,4 отсто, што отстапува од владините проекции од 2,9 отсто раст на реалниот БДП..

За 2024 година проекциите на Светска банка се дека македонската економија ќе има раст од 2,7 отсто.

Advertisements

Од државите во регионот, Светска банка проектира раст од 0,8 отсто во Хрватска, од 1,7 отсто во Бугарија, од 2,2 отсто во Албанија и од 2,3 отсто во Србија, додека поголем раст од нашиот ќе имаат економиите на Босна и Херцеговина од 2,5 отсто, на Црна Гора 3,4 отсто и на Косово од 3,7 отсто.

Како што стои во извештајот на Светска банка, во Западен Балкан се предвидува раст од 2,5 отсто во 2023 година, наспроти првично пректираниот од 3,1 отсто.

Од Светска банка оценуваат дека реформите за пристапувањето во ЕУ и инвестициите ги ублажуваат негативните ефекти од високите цени на енергијата и храната, како и нарушувањата на трговските и инвестициските текови и прелевањата од забавувањето во еврозоната.

Во прогнозата се констатира и дека постои значителна политичка несигурност од парламентарни стопирања што би овозможиле доцнење во спроведувањето на реформите и со тоа спречување на ефикасна апсорпција на поврзаните средства за Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија.