Тажна вест ја погоди македонската музичка сцена. На 62-годишна возраст почина Стојан Зравевски – Столе, долгогодишен пејач и кларинетист на познатата битолска музичка група „Боеми“.
Веста за неговата смрт ја соопштија неговите колеги преку официјалната Фејсбук страница на групата, каде со емотивни зборови се простија од својот пријател.

„Со неизмерна тага ја споделуваме веста дека нè напушти нашиот Столе. Замина нашиот долгогодишен другар, музичар и дел од семејството на групата „Боеми“. Зад себе остави безброј спомени, песни, настапи и моменти кои засекогаш ќе останат во нашите срца.
Столе, ти благодариме за сè што поминавме заедно – за пријателството, хуморот, насмевките и музиката што ја споделувавме низ годините. Почивај во мир. Никогаш нема да бидеш заборавен. Нека ти е светол патот до вечноста“, напишаа неговите колеги.
Според блиски пријатели, Зравевски во изминатата година водел тешка битка со канцерот, која за жал ја загубил.
Со неговото заминување, македонската музичка сцена останува без уште еден истакнат музичар, кој со својата музика и настапи остави траен белег и ќе остане во сеќавањата на публиката и колегите.



