12 години затвор за Васил Јованов – пијан на црвено и без возачка на пешачки ја усмрти младата Фросина Кулакова

Казна затвор  од 12 години му одреди Судот на Васил Јованов, врз основа на признание на вина за делото „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за прегазувањето на Фросина Кулакова во јануари годинава на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.

Судијката Снежана Марковска, на објавувањето на пресудата денеска во Основниот кривичен суд Скопје рече дека како олеснителни околности Судот ги ценел признанието на вина и чувството на вина, како и свесноста за степенот на кривичното дело што го сторил и последиците, возраста и немањето доволно искуство, поранешениот живот – активен студент и спортист и неговото однесување по сторувањето на делото.

Kако отежнителни интензитетот на дејствијата и прекршување на голем број бланкетни норми од Законот за сообраќај, како и степенот на опасност од предизвикување на ова дело и тоа што обвинетиот е претходно осуден на казна затвор од три години и десет месеци за недозволена трговија со дрога и фактот што против него пред судот се отворени уште неколку постапки за поминување на црвено и загрозување на животот на пешаците и целосно игнорантскиот однос кон нив.

Особено како отежнителна околност судот ја цени загубата на еден млад живот, што најмногу ја чувствуваат родителите и семејството.

Судот внимавајќи на целите од законот и сите околноста за висината на казната и даденото признание на вина ја одреди следната пресуда:

-Обвинетиот Васил Јованов е виновен затоа што без возачка, на црвено, под дејство на алкохол поминал на пешачки и удрил во пешакот Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло, и од кои се здобила со тешки повреди од кои на лице место настапила смрт. Судот го осудува на казна затвор од 12 години, во кое му се засметува и времето поминато во притвор, забрана за управување со возило од пет години и да плати парична казна и трошоци за судската постапка, изјави судијката.

Пресудата не е правосилна и Јованов има право на жалба пред второстепен суд.