Победа за Гордана Силјановска Давкова со 547.397 гласови и ВМРО-ДПМНЕ со 58 мандати

Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова ја однесе победата и во вториот круг од претседателските избори. Според последните податоци на ДИК кои постојано се ажурираат Силјановска Давкова освои 547.397 гласови (65,14 отсто), а Стево Пендаровски кандидатот поддржан од СДСМ 245.970 (29,27) од 97,66 отсто од пребројаните гласови.

Цензусот за избор на претседател во вториот круг претседателски избори е неспорен.

Advertisements

Според Изборниот законик з апретседател на државата може да биде избран кандидатот кој ќе добие мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излезат повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи.

Одѕивот на денешното гласање, според последните информации од ДИК, бил 46,38 отсто.

Согласно роковникот за претседателските избори, првичните резултати од изборите добиени по електронски пат, ДИК ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од Општинските изборни комисии во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

Од преброени гласови во 3.270 избирачки места (94,05 избирачки места) Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 58 мандати за новиот состав на Собранието. Зад неа е Коалицијата предводена од СДСМ со само 19 мандати, додека коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ има 18 пратенички мандати, коалицијата Вреди 13, „Левица“ шест и партијата ЗНАМ пет пратенички мандати. Одѕивот на парламентарните избори, согласно овие податоци, е 55,19 отсто, објави вечерва Државната изборна комисија (ДИК).

Ова се првичните неофицијални резултати од денешните парламентарни избори, што се одржаа истовремено со вториот круг од претседателските избори.

Претседателот на ДИК Александар Даштевски на прес-конференција соопшти дека во гласови коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освоила 395.048, коалицијата предводена од СДСМ 138.174 гласови, коалицијата предводена од ДУИ 128.698, коалицијата Вреди 100.593, Левица 62.195, Движењето ЗНАМ 48.032, Коалицијата Храбро за Македонија 4.409, Нова Алтернатива 3.265, Политичка партија Аваја 2.184, Единствена Македонија 1.513, Твија партија 1.653, Родина Македонија 1.022, Македонска ера трета/Македонски независни листи – Суверенисти 868, Демократи 823, Десна 456, Работничка партија 409 и Европско граѓанско движење 227.

Со ова почнуваат да течат роковите за приговори за изборите. Роковите се до 10 мај до 19 односно 23:30 часот.