Деспотовски: Оставки се потребни веднаш во СДСМ

Директорот на Технолошко-индустриските развојни зони и истакнат член на СДСМ, Јован Деспотовски се огласи по поразот на неговата партија на претседателските избори.

„На нашите членови, поддржувачи денес им е повеќе од потребен консолидиран и свесен СДСМ. Сите се тажни, разочарани, но и уплашени од повторување на некои лоши работи од некои не така далечни минати времиња. Силен и реформиран СДСМ може и мора да ги заштити. Силен и реформиран СДСМ ќе биде надеж за сите граѓани.

Advertisements

Вчеравечер пропуштивме огромна шанса да го направиме првиот чекор кој почнува со одговорност, со име и презиме, почнувајќи од врвот. По статутот, тоа ќе отвори веднаш простор за поширока анализа на причините за овој пораз. За одговор на прашањата: Каде исчезна онаа енергија од пред 7 години? Дали ветивме многу работи а малку исполнивме? Каде се стопи довербата и како се загуби сета онаа надеж кај луѓето? Признанието дека имаме огромен проблем е прв чекор за негово надминување.

Како членови на СДСМ носиме огромна одговорност нашата опција, идеја, цел да опстои и да постои и понатаму. Денес сме им потребни на нашите членови и поддржувачи, но и нас самите, ама… веќе утре ќе и бидеме потребни на државата, на сите наши сограѓани. За носење на брзи и квалитетни одлуки ни треба итна сериозна анализа, која не треба да се одолговлекува. Но, за првиот чекор кон овие одлуки треба само храброст кај врвот да се прифати реалноста на овој пораз.

Не ни требаат условени оставки кои ќе се ефектуираат доколку и другите си поднесат оставки. Секој да почне од себе без да го чека партискиот другар до него. Само така овој процес на промена нема де трае предолго а штетата нема да стане ненадоместлива“, стои во писмото испратено до медиумите.