Гаши нема да одговара за инцидентот со косовската претседателка

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во врска со инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи каде што собранискиот спикер го испрати своето лично обезбедување изјави дека според доставените докази не била утврдена кривично правна одговорност кај претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Според министерот Тошковски, единствена кривична одговорност согласно доказите има полицискиот службеник, дел од обезбедувањето на спикерот Гаши. Тој го оцени неговото однесување како недозволиво.

Advertisements

– Согласно внатрешните правила и процедури на МВР, немал право да го напушти вип објектот кој што го обезбедувал и не е негова одлуката, ниту пак надлежност да смирува, или да разгорува, или да прави што било што не е поврзано со описот на неговите работни задачи. Одговорност во однос на целиот кривично правен настан е на полицискиот службеник – изјави министерот во вечерашното гостување на Канал 5 Телевизија.

Тој информираше дека во рамки на предметниот настан се сослушани повеќе од 15 или 20 луѓе кои биле сведоци и биле разгледани видео материјали.

Во врска со овој случај полицијата поднесе кривична пријава против С.С., началник на Одделение за лично обезбедување на претседателот на Собранието поради постоење основи на сомневање дека сторил кривично дело „загрозување на сигурноста“.