Од СДСМ денеска соопштија дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ има намера да внесе измени во изборниот модел за гласање на дијаспората кои отвораат простор за можни злоупотреби.
На прес-конференција, портпаролката на партијата Богданка Кузеска изјави дека првичниот обид за електронско гласање на дијаспората бил заменет со предлог за гласање по пошта, што не обезбедува доволно контроли и гаранции за заштита на изборната волја.
„Мицкоски и ВМРО немаат намера да се откажат од обидите за манипулација и злоупотреби со над 200 000 гласови од дијаспората. Откако сфати дека не може да го протне шверцерскиот начин за електронско гласање на дијаспората без никаква контрола, сега се обидува со некакво гласање по пошта. И повторно без никаква контрола и гаранција за почитување на слободната волја на граѓаните – нов модел и можност за изборни манипулации и нерегуларности. Не му е важна на Мицкоски реформската агенда, тоа му е само изговор. Важен му е само изборниот грабеж“, рече таа.
Посочи дека ставовите на СДСМ за Изборниот законик не се радикалистички, како што тврди ВМРО-ДПМНЕ, туку се насочени кон обезбедување сигурен и транспарентен изборен процес.
„Позициите на СДСМ за Изборниот законик не се радикалистички како што сака Мицкоски да ги прикаже. Радикалистички е начинот на кој тој сака да го спроведе изборениот грабеж“, вели портпаролката.
Кузеска вели дека нејзината партија не е против гласањето на дијаспората, додавајќи дека таа и сега има можност да гласа, но дека се против предложениот модел за промена на начинот на гласање.
„СДСМ не е против дијаспората да гласа, дијаспората гласа и сега. Тоа е лага на ВМРО. Но, сме против начин на гласање кој не обезбедува сигурност, транспарентност и заштита на изборната волја“, додаде таа.



