Македонија по седми пат избира претседател, а народни избраници по 11 пат

Денешните двојни избори се 24-то изјаснување на граѓаните од осамостојувањето на државата. Ова се 11 парламентарни избори кои се спроведуваат истовремено со вториот круг од седмите претседателски избори.

Првите избори за пратеници во Собранието беа одржани во 1990 година, вторите во 1994, третите во 1998, четвртите во 2002, петтите во 2006, шестите во 2008, седмите во 2011, осмите во 2014, деветтите во 2016 година, а десеттите во 2020 година.

Advertisements

Покрај парламентарните, беа спроведени и шест претседателски избори – во 1994, 1999, 2004, 2009, 2014 и во 2019 година, како и седум локални – во 1990, 1996, 2000, 2005, 2009, 2013 и 2017 година. Граѓаните трипати излегуваа и на референдум, во 1991 година кога се одлучија за самостојна и независна држава, во 2004 година кога се изјаснуваа за новопредложената територијална поделба и во 2018 кога се изјаснуваа за договорот меѓу Македонија и Грција.

Избирачите ќе може да гласаат со заокружување на еден од редните броеви пред седуманесетте листи на кандидатите за пратеници. Листи за кандидати за пратеници имаат Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ, Коалиција Храбро за Македонија предводена од ГРОМ, Коалиција Европски фронт на ДУИ, политичката партија Левица, Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“, политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Единствена Македонија, Нова алтернатива Скопје, АВАЈА, Европско граѓанско движење, Македонска ера трета/Македонски независни листи – Суверенисти, Твоја партија, Родина Македонија, Десна, Демократи Скопје и Работничка партија. Земјата е поделена во шест изборни единици, а дел од коалициите и партиите имаат листи само за одредени изборни единици.

Во првиот круг од седмите претседателски избори, што се одржа на 24 април, учествуваа седуммина кандидати. Во трка за претседателската функција беа Стево Пендаровски, актуелен претседател на Северна Македонија, кандидат на владејачката СДСМ, Гордана Силјановска Давкова, пратеничка и професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, кандидатка на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Бујар Османи, актуелен министер за надворешни работи, кандидат на владејачката ДУИ, Билјана Ванковска, професорка на Филиозофскиот факултет во Скопје, како кандидатка на партијата Левица, Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар, кандидат на опозициската коалиција на албанските партии „Вреди“, Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово, кандидат на новоформираната партија За наша Македонија (ЗНАМ) и Стевчо Јакимовски, градоначалник на скопската општина Карпош и претседател на ГРОМ.

Според резултатите од ДИК во првиот круг од претседателските избори Силјановска Давкова освои 324.177 гласови или 39,99 отсто, додека Пендаровски 161. 393 гласови односно 19,90 отсто од гласовите. Тие двајца денеска ќе се соочат во вториот круг од претседателските избори.

На 8 мај, на вториот круг од претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 избирачи, додека на парламентарните избори 1.815.350 избирачи. Идентификацијата на гласачите ќе се врши со фингерпринт апарати. Вчера, ден пред изборите, први гласаат болните и изнемоштените, затворениците, лицата во старските домови и, пријавените од дијаспората, но само за претседателските избори