Мицотакис: Новата влада да го користи името Северна Македонија и во странство и во земјата

Никаков напредок на долгиот пат на Скопје кон Европа не може да се постигне без апсолутно почитување на Преспанскиот договор за прашањето за името, изјави денеска грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју за државната телевизија ЕРТ.

Тој упати, како што пренесе Мета, предупредување до новата македонска влада да ја смени линијата. Во спротивно, рече оти е сигурно дека непочитувањето на Преспанскиот договор ќе предизвика проблеми во односите на Грција и Европа кон Северна Македонија.

Advertisements

„Ќе ги чекаме официјалните ставови на Владата на Северна Македонија, но првите докази се крајно негативни. Во основата на Договорот од Преспа беше концептот на едно име, она што ние го нарекуваме ерга омнес, дека името Северна Македонија треба да важи за сè, односно да се користи и во странство и во земјата“, рече Мицотакис во интервјуто, а пренесува „Катимерини“.

Неговиот коментар доаѓа откако новоизбраната претседателка Гордана Силјановска- Давкова во говорот за време на инаугурацијата го употреби само името „Македонија“, без „Република“ и „Северна“, со што повторно го „оживеа“ долгогодишниот спор.

„По прашањето за името има многу јасно назадување и сакам уште еднаш да упатам предупредување до новата Влада отсега да ја смени линијата, да ја почитува оваа централна одредба од Договорот од Преспа, да го користи единствено името Северна Македонија, во и надвор од државата, кога се споменува нашиот северен сосед. Во спротивно, сигурно е дека ќе предизвикаат проблеми, не само во односите на Грција со Северна Македонија, туку и во односите на Европа со Северна Македонија“, изјави Мицотакис.