Муцунски: „Цензусот е постигнат, извесно е дека Гордана Силјановска Давкова е нов претседател на Република Македонија“

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, на првата прес-конференција по затворањето на гласачкиот процес изјави дека очекуваат уште подобри резултати од првиот круг на претседателски избори.

Тој оцени дека изборниот ден поминал во мирна атмосфера и посочи дека се особено радосни што е постигнат цензусот за избор на претседател.

Advertisements

– Се радуваме што денеска пропадна едно сценарио, еден обид да се создаде легитимациска криза во државата да не се избере претседател. Се радуваме што е постигнат цензусот и се радуваме што е сосема извесно дека Гордана Силјановска Давкова е нов претседател на Република Македонија. Очекуваме одличен резултат, очекуваме резултат кој што ќе биде и подобар од тој што го имаше на првиот круг претседателски избори и очекуваме веќе уште вечерва да биде јасна сликата за тоа како ќе изгледа идната Влада на Република Македонија, рече тој.

Тој додаде дека нотирале неколку поединечни нерегуларности.

– Мораме да нотираме дека се забележани неколку поединечни нерегуларности кои треба да бидат расветлени во наредниот период. Имено, неколку функционери на владејачката партија се фатени во илегални активности како го нарушуваат избирачкото право правејќи поткуп и притисоци кои само го покажаа недемократскиот карактер на владеењето на власта која очекуваме да биде жестоко поразена, рече тој.

Според Муцунски, народот денеска испратил порака за ново поглавје.

– Народот денес излегуваше на избори за да си ја врати Македонија. Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци се обединија и гласаа за да си ја вратат контролата врз системот која ја нема, да се нормализира државата, да се има држава која наместо на елитите му припаѓа на народот, дополни Муцунски.

Тој посочи дека отворениот повик за бојкот од страна на ДУИ не успеал.

– Елитите на власта се поразени од народот. Но, денешниот ден на површина ги извади сите игри на власта. И практично се обвистинува сценариото на кое предупредувавме дека ДУИ посакува криза и преку бојкот на претседателските избори практично сака да се факторизира, рече тој