Со десет гласа „за“ и еден „против“ денеска Весна Дамева е избрана за нова претседателка на Судскиот совет.
Изборот на Дамева, доаѓа откако Павлина Црвенковска минатата недела, на неколку месеци од истекот на мандатот поднесе неотповиклива оставка.
Лорета Георгиева, член на Судскиот совет побара гласањето да биде јавно – со кревање на рака. Гласањето беше повторено и Дамева, пак, доби десет гласа, a Георгиева беше против.
Мандатот на претседателот на Судскиот совет е две години .
Претходната претседателка Павлина Црвенковска која беше едногласно избрана пред повеќе од една година поднесе оставка неодамна.
Во писменото образложение на оставката таа наведе дека нејзиниот избор не одговарал на, како што рече, „група од судската – бизнис елита“.
– Ја известувам јавноста дека поднесувам оставка од позицијата претседател на Судскиот совет на РСМ. Веднаш по мојот избор на функцијата започна медиумска хајка со крајна цел да дадам оставка затоа што мојот избор за претседател не одговараше на група од судската – бизнис елита. До ден денешен хајката не престана преку пласирање лажни информации до новинари, а во континуитет се опструираа и намерно се одолговлекуваа внатрешните процеси во Советот, кои се од клучно значење за успешно завршени задачи и за функционирањето на судството, наведе Црвенковска во оставката.