Ковачевски и Груби само за ова треба да одат во затвор, прифатиле обврска да платат пенали од 200 милиони евра ако не променат закони во полза на изведувачите на коридорите, се вели во денешната реакција на ВМРО-ДПМНЕ.
„Владејачкото мнозинство на Ковачевски далеку од очите на јавноста во кратка постапка се обидува да промени 9 закони со кои дава дополнителни повластувања на изведувачот на коридорите. Овие измени ќе значат посебни повластици за акцизи, даноци, давачки, можност за пренамена на земјоделско во градежно земјиште, промена на регулативата кога се работи за културно наследство и многу други примери. Сите овие експресни измени се без јавна расправа со експертите и на штета на граѓаните и државата“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
Според опозициската партија, очигледно е дека Ковачевски и Груби брзаат за да ги покријат своите лоши политики и обврски кои ги презеле.
„Еден од законите кој Ковачевски и Груби брзаат да го изменат е законот за работни односи и да воведат 60 часовна работна недела. Притоа Ковачевски и Груби се обврзале дека доколку не го направат тоа ќе се исплаќаат огромни пенали кон изведувачот. Овие пенали се состојат од еднократна исплата на 53 милиони евра, плус 2,1 милион евра месечно во текот на изградбата и згора на се пролонгирање на рокот за изградба кој ќе надмине 5 години. Вкупниот износ на пеналите кои Ковачевски и Груби ги прифатиле е околу 200 милиони евра дополнителни средства за изградбата на коридорите само заради една неспроведена законска измена’, тврди ВМРО-ДПМНЕ.