Пеколна смена за таксист: Двајца патници му приредиле хорор што никогаш нема да го заборави

Вистинска драма доживеал 50-годишен таксист во Белград, откако двајца млади патници, наместо обично возење, му приредиле ноќ исполнета со насилство, страв и малтретирање.

Според информациите од српското обвинителство, двајца 24-годишни мажи се уапсени под сомнение дека извршиле повеќе тешки кривични дела, меѓу кои противправно лишување од слобода, нанесување тешки телесни повреди, кражба и неовластено користење туѓо возило.

Инцидентот започнал кога осомничените влегле во такси и побарале превоз до населбата Миријево. Сепак, возењето брзо се претворило во кошмар – тие почнале да го удираат таксистот по главата и телото, а во неколку наврати го ваделе од автомобилот и продолжувале брутално да го тепаат.

По нападот, насилниците ја презеле контролата врз возилото и под закани го принудиле таксистот да вози кон Врање. За време на патувањето, малтретирањето продолжило, а подоцна му наредиле да се врати назад кон Белград.

На крајот, му го одзеле паричникот со личните документи и околу 20.000 динари заработени во текот на работниот ден. Лекарски преглед потврдил дека таксистот се здобил со тешки телесни повреди.

Еден од осомничените се бранел со молчење, додека другиот ги негирал обвиненијата. Обвинителството побарало притвор за двајцата, а истрагата за случајот продолжува.

Advertisements