Осумгодишно дете е жртва на силување во Скопје, а осомничени се двајца малолетници на возраст од 10 и 13 години, јави Телма.
Овој грозоморен настан ја вознемири јавноста, откако, како што потврди МВР, мајката на детето пријавила во полиција. Двете осомничени момчиња го снимиле силувањето со мобилен телефон, а видеото го препраќале на познаници.
Според портпаролот на МВР, Тони Ангеловски во изјава за ТВ Телма, случајот е документиран, поднесена е соодветна пријава, а постапката понатаму е во надлежност на ОЈО Скопје и Центарот за социјални работи.
Министерството за внатрешни работи (МВР) информираа дека со малолетниците бил извршен информативен разговор во полициската станица, во присуство на нивните родители.
Од Обвинителството, пак, соопштија дека се известени за настанот, но бидејќи станува збор за деца помлади од 14 години против нив не може да биде поведена постапка за кривична одговорност и за случајот ќе постапува Центарот за социјални работи.
Реагирал и Центарот за социјални работи чии вработени разговарале со децата и ќе работи и со нив и со нивните родители.