(ВИДЕО) За директорите милионски дивиденди, за работникот робовладетелство

Во време кога во високоразвиените држави се имплементира шестчасовно работно време, нам ни се сервираат феудализам и робовладетелство. Предлогот на Владата за 60-часовна работна недела нѐ врати назад во 1882 година, кога во индустријата се работеше и 12 часа дневно, изјави на прес конференција Александар Димитријевиќ од Левица по повод Денот на трудот.

Лошите услови за работа, вели Левица, ги примораа работниците да се иселат од државава; ги дискриминираат жените-земјоделки; на железничарите им се исплаќа плата во половинки; поради расипничкиот однос во јавните претрпијатија работниците не можат да земат додатоци и надоместоци на плата; вработените во маркетите работат во ладни простории; градежната мафија ги експлоатира незаштитените и непријавените работници.

„На објавениот повик на Левица, преку 1.000 работници пријавија нерегуларности на работните места. Ова е знак дека правата на работниците се само декларативна утопија во програмите на денешните политички чинители. Класната разлика е сѐ поголема, додека директорите во банките земаат милионски дивиденди, обичниот работник ја троши платата на инфлација.

Advertisements

Затоа, работници и работнички, нема друга алтернатива освен организираната политичка моќ на трудот. Наместо за работнички права, заедно да се бориме за власт. За работничка власт и за политичка моќ на трудот“, истакнуваат од оваа партија.