(ВИДЕО) Жесток говор на првиот човек на ООН, Гутереш: Човештвото се однесува со природата како да е тоалет!

Човештвото стана оружје за масовно уништување на природата со која се однесуваме како да е тоалет, изјави вчера генералниот секретар на Организацијата на Обединетите Нации(ООН) Антонио Гутереш на церемонијата во Монтреал, Канада,  по повод отворањето на состанокот за биолошка разновидност COP15.

„Со нашиот неограничен апетит за неконтролиран и нееднаков економски раст, човештвото стана оружје за масовно уништување“, рече Гутереш.

Гутереш ја гледа оваа конференција како шанса на човештвото да стави крај на тие „оргии на деструкција“.

Advertisements

Откако дојде на функцијата генерален секретар на ООН во 2017 година, Гутереш ја стави борбата против климатските промени како еден од неговите приоритети. Неговите возбудливи зборови на отворањето на состанокот COP15 покажуваат дека тој е загрижен за судбината на загрозените растенија и животни на планетата, кои се меѓусебно поврзани кризи.

Предизвиците за конференцијата за биолошка разновидност COP15 се големи, на еден милион видови им се заканува исчезнување, една третина од територијата на планетата е сериозно деградирана и плодната почва исчезнува, додека загадувањето и климатските промени брзо ги уништуваат океаните.

Хемикалии, пластика и атмосферско загадување ги задушуваат земјата, водата и воздухот, додека затоплувањето на планетата како резултат на согорувањето на фосилните горива предизвикува климатски хаос од топлотни бранови и шумски пожари до суши и поплави.

Претставници од речиси 200 земји се собираат од 7 до 19 декември  во Монтреал за да се обидат да склучат децениски договор за природата. Сепак, исходот од преговорите што се водат околу дваесет цели, насочени кон зачувување на екосистемите до 2030 година е сè уште неизвесен.

„Денес не сме во хармонија со природата, напротив свириме многу поинаква мелодија, какофонија на хаос свирена со инструменти на уништување“, рече Гутереш.