Германската полиција спроведува една од најголемите операции против наводни десничарски екстремисти кои планирале да извршат државен удар со упаднат во Бундестагот и киднапирање на политичари. Германските медиуми објавуваат дека во нивните намери за државен удар имале поддршка од голем број безбедносни службеници.
Дваесет и пет членови и симпатизери на екстремно десничарска терористичка група се уапсени во рациите на полицијата низ Германија, објави федералното обвинителство на земјата. Рациите биле извршени во 11 германски покраини.
Како што јавуваат германските медиуми, осомничени екстремни десничари се уапсени во Баден-Виртемберг, Баварија, Берлин, Хесен, Долна Саксонија, Саксонија, Тирингија, како и во Австрија и Италија. Нивната цел не го исклучувало и насилството како средство за постигнување на целта.
Дел од медиумите јавува дека наводниот организатор на групата бил Германец, кој себеси се нарекува принц Хајнрих Тринаесетти.
Меѓу заговорниците има и членови на екстремистичкото движење Рајхсбургер (Граѓани на Рајхот), кое долго време е цел на германската полиција поради насилни напади и расистички теории на заговор. Тие одбиваат да ја признаат модерната германска држава.
Групата Рајхсбургер верува дека границите на Германската империја од 1937 година сè уште важат и дека модерна Германија е „административна конструкција“ на западните сили. Тие се обвинети дека ги подготвувале дејствијата од ноември 2021 година.