Таравари: Не гледам пречка албанскиот јазик да биде впишан како официјален во Уставот

Алијанса за Албанците ги поддржува уставните измени и посакува овие измени да се случат што поскоро, вели лидерот на партијата Арбен Таравари во интервју за Гласот на Америка. 

„Де факто и де јуре албанскиот јазик е јазик кој што се користи секојдневно во Македонија во сите институции. Целата филозофија која што ја дебатираме сега е дали ќе стои албански или ќе стои бројка дваесет проценти. Ние сметаме дека ова е момент кога нашите сограѓани Македонци и нивните претставници политичките партии ќе видат дека е стварно моментот да ја тргнеме таа бројка. Како што инсистирам и македонскиот јазик да се користи така како што треба кога се напаѓа од било која држава, така и албанскиот сметам дека не треба да стои како проценти туку само тие 20 проценти да се заменат со албански јазик. Од албанските партии апсолутно сите се за тоа, и од македонските јас не гледам поголема пречка и СДСМ и ВМРО и декларативно“, вели Таравари.

Advertisements

На прашањето како да се излезе од ситуацијата со потфрлување на македонското судство, Таравари нагласи дека владеењето на правото е една од најслабите точки на Македонија.

„Владеењето на правото е една од најслабите точки на функционирањето на македонската држава и за ова сме добиле многу препораки од меѓународниот фактор, но и од релевантни амбасадори. Сега Министерството за правда го води кадар на Алијансата за Албанците и верувам дека веќе почнаа некои процедури за стабилизирање на судовите и обвинителството”, нагласи Таравари.

Тој смета дека мора да се најде начин да се исчисти судскиот систем, како што е ветингот или некоја друга форма.

„Довербата на граѓаните во правосудниот систем е 4-8%, ова е катастрофално, верувам дека во овој период со промените што ќе ги предложиме како Министерство за правда, оваа доверба ќе се зголеми и граѓаните ќе забележат дека има промени во правосудниот систем”, изјави за „Гласот на Америка” претседателот на АА, Арбен Таравари.