Сопственикот на порталот „Доказ“, Марјан Стаменковски, кој беше осуден на три години и еден месец затвор за повеќе кривични дела бара изземање на обвинителот Сашо Рајчев од Вишото јавно обвинителство кое е надлежно да го застапува предметот пред второстепениот суд.
Стаменковски тврди дека соработувал со Рајчев на дел од предметите за коишто му се суди, односно дека добивал информации од обвинителот, објави Макфакс.
Обвинителот Рајчев рече дека сè што кажал Стаменковски е невистина.
„Барам да се изземе почитуваниот обвинител Сашо Рајчев поради повеќе судири на интереси. Според мои сигурни информации, ОЈО мислам дека ќе излезе и со подетални информации, можеби и со обвинителен акт, лицето Рајчев ми има испраќано информации, кои се дел од предметите за кои ме судите, но и за предметите од ВЈО“, рече Стаменковски.
Стаменковски додаде дека „Хајрулахи бараше извинување за информации што ги имам објавувано (во тек е постапка за клевета). Информациите ги добивав од Рајчев, телефонот е одземен од ЈО, таму се информациите. Сме имале соработка, сум објавувал негови текстови, негови информации од судот“.