(ВИДЕО) Спасовски вели дека ќе поминеме поевтино – наместо нови регистерските таблички, ќе ставаме само налепници

На предлог на Министерството за внатрешни работи, Владата на Република Северна Македонија на вчерашната седница ја усвои Информацијата во врска со потребата од ставање налепници со „НМК“ ознака на регистарските таблички, информира МВР попладнево.

„Целта на ова решение за употреба на налепница со „НМК“ ознака, предложено од МВР како најсоодветно, функционално и економично решение, е да се избегнат дополнителни финансиски трошоци за граѓаните и правните лица за издавање повеќе нови документи, лиценци, сертификати, коишто се поврзани со бројот на регистарската табличка, а истовремено во целост се испочитува обврската за ознаката на новиот код на Република Северна Македонија“, велат од МВР.

Министерот Оливер Спасовски вчера објави дека откако ќе се изготви измена на постојниот Правилник за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на пробните таблици, формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата, како и начинот и постапката на нивно издавање и граѓаните ќе може со минимални трошоци да ја завршат и оваа граѓанска обврска.

Advertisements

Покрај ова, се додава во информацијата, со ова решение им се овозможува олеснување и на транспортерите кои патуваат во ЕУ, со што ќе ги задржат постојните таблички на транспортните возила, а истовремено ќе бидат заштитени од потребата за промена во целокупната документација во државите членки на ЕУ каде што извршуваат транспортни услуги.

„Со измената на правилникот ќе се предвиди можност на сите регистарски таблички кои ја содржат буквената ознака „МК“, на местото на кое е поставена ознаката „МК“, да се стави налепница на која е испишана национална ознака „НМК“. На постарите регистарски таблички со три броја, кои не ја содржат буквената ознака „МК“, ќе се предвиди можност за ставање на  налепница со испишана национална ознака „НМК“ на просторот пред местото каде е испишано регистрационото подрачје.

Притоа, оставена е можност за избор на граѓаните, што значи физичките и правни лица доколку не сакаат да стават налепница на постојните регистарски таблички, можат да побараат и замена на старите со нови регистарски таблички“, објаснува Министерството за внатрешни работи.