Осомничените за узурпација на дворот кај поликлиниката „Бит пазар“ можат да добијат и до пет години затворска казна

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против двајцата осомничени кои беа уапсени пред една недела затоа што со багер ја урнале оградата на поликлиниката „Бит-пазар“ со намера да почнат градежни активности за изградба на паркинг.

Тие се осомничени за узурпација на недвижности според член 225 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. За ова кривично дело е предвидена затворска казна од една до пет години.

Според Обвинителството, двајцата соизвршители, на возраст од 45 и 42 години, заеднички со намера за владение зазеле недвижност во сопственост на државата, која со пропис е прогласена за имот во општа употреба со намера земјиштето да го упортребат за изградба на паркинг.

Advertisements

„Првообвинетиот ангажирал повеќе непознати лица да ја исечат металната ограда и да ја искршат бетонската конструкција за ограда од дворот на јавната здравствена установа – здравствен дом на Скопје – поликлиника „Бит Пазар“. Притоа, биле уништени и околните грмушки и дрва. Второобвинетиот со багер почнал да го рамни теренот каде осум камиони транспортирале градежен материјал – тампон, кој го растовариле во дворот на поликлиниката. Со багерот, вториот обвинет продолжил да го растура и рамни тампонот низ паркот на болницата до доаѓањето на полицијата“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за продолжување на определената мерка притвор за првиот обвинет, додека за второто обвинето лице на сила се определените мерки на претпазливост.​