24 Мај го осветлува епохалното дело на Кирил и Методиј – глаголицата, премиерот Ковачевски го честита празникот

Денес, прогресивната, културнообразовна и научна мисла, повеќе од кога и да било е потребна за натамошниот напредок на Република Северна Македонија, порача премиерот Димитар Ковачевски во честитката во чест на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и патронен празник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, до ректорот, проф. д-р Никола Јанкуловски, до деканите, продеканите, професорите, сенаторите и до студентите.

„Овој наш прв државен универзитет во земјава, еден од столбовите на македонската државност, продолжувач на просветителското дело на светите браќа Кирил и Методиј и нивните наследници, втемелени во создавањето на македонската писменост бил, е, и останува да биде стожер на културнообразовната и научната мисла и патоказ за развитокот на нашата држава.

„Низ заедничката соработка, достоинствено го заштитивме нашиот македонски јазик и го поставивме на еднакво рамниште со официјалните јазици во Европската Унија“, вели премиерот.

Advertisements

Ковачевски упати честитка и до МПЦ-ОА.

„Празникот 24 Мај секоја година го осветлува епохалното дело на светите браќа Кирил и Методиј  како создатели на првото словенско писмо – глаголицата во коешто се наоѓаат корените и на македонската писменост и како христијански рамноапостоли и сесловенски просветители, кои успеваат да ја разбијат тогашната тријазична догма и да ја издигнат словенската култура на рамноправно рамниште со трите други култури во тоа време во Европа.

Така е кодифициран и книжевниот црковнословенски јазик, во чија основа лежи македонскиот словенски говор од околината на Солун”, вели Ковачевски.