„Трезорот не е хакиран“ – Министерството за финансии за Мета по обвинувањата на Арсовска

„Не е вистина дека е хакиран, трезорот работи“, велат од Министерството за финансии, откако градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска завчера на седница на Совет на Град Скопје рече дека ниту една институција не може да си наплати побарувања, бидејќи имало хакерски напад врз Министерството за финансии, јави агенцијата Мета. 

„Зошто никој не зборува за хакерскиот напад на Министерство за финансии, три недели не работи системот за трезор, ниедна институција не може да си наплати побарувања. Тој не е лош менаџер што е блокиран таму три недели? Нели ако е блокирана сметката државата е во банкрот?“, рече Арсовска.

Реакцијата на Арсовска следува по пишувањата во медиумите дека сметката на Град Скопје е блокирана и дека институцијата е пред банкрот. Според СДК.мк, буџетската сметка преку која се вршат сите плаќања кон доверители, се делат плати на вработени, се префрлаат пари за субвенции на јавните претпријатија е блокирана поради долг на Градот Скопје, поради тужба за предмет од пред 10 години, за кој судскиот процес завршил пред извесно време и сега со присилна наплата се повлекуваат парите.

Advertisements

Од Град Скопје изјавија дека „сметката не е блокирана ниту, пак, е загрозено материјално-финансиското работење на администрацијата“. На сметка на тоа, Арсовска пред советниците рече дека всушност, хакиран е трезорот на Министерството за финансии.

„Град Скопје не е блокиран, доказ за тоа се секојдневните исплати кои рачно ги обработува Министерството за финансии, по едно на ден, не можат да изработат по 100 на ден кои им ги носиме. Овој Град редовно ќе си ги сервисира обврските ако Министерството за финансии не ви е блокирано“, истакна Арсовска.

Мета.мк во два наврати се обрати до Министерството за финансии, од каде ги демантираа овие информации.

„Системот на Министерството за финансии не бил цел на хакерски напад и сите функции, вклучително и на Трезорот, се одвиваат тековно“, ни изјавија вчера од Одделението за односи со јавност.

Дополнително, стапивме во контакт и со раководителката на секторот за финансиски прашања во Министерството за финансии, Вера Проковиќ, која кратко ни одговори дека нема никаков хакерски напад и дека трезорот работи.

Инаку, секторот Трезор е задолжен да управува со Трезорската сметка и со други сметки на државата, а врши и други работи утврдени со закон, како на пример водење регистар на буџетските корисници, отворање сметки во рамки на трезорската сметка, обработка и евидентирање на барањата на корисниците за денарски и девизни плаќањa, следење на наплатата на јавните приходи на Буџетот и нивна распределба по корисници, канализирање на претпристапните фондови на Европската Унија за С. Македонија и обезбедувањето цврста финансиска контрола над реализацијата на финансиските договори склучени со институциите надлежни за проектите финансирани од ЕУ.