Забрзува растот на зеленото кредитирање во третиот квартал од 2022 година, достигнувајќи 17,7%, соопштуваат од Народната банка на Република Северна Македонија(НБРСМ).
Зелените кредити се наменети за финансирање на проекти коишто поддржуваат одржливи, еколошки цели, или цели коишто придонесуваат за зелената транзиција во општеството, како што е развој на нова еколошка технологија.
„Во третиот квартал е зголемен и уделот на зелените кредити во вкупните кредити, од 2,7% во претходниот квартал, на 3,1%, односно за 0,4 процентни поени. Иако податоците покажуваат поволни поместувања, сепак има простор за понатамошно зголемување на уделот на зелените во вкупните кредити“, се вели во соопштението на НБРСМ.
Од таму информираат дека во третиот квартал, зелените кредити на корпоративниот сектор и домаќинствата достигнале 12.876 милиони денари, односно се зголемениа за 31,5 милиони евра за едно тримесечје.
„Растот на зеленото кредитирање се должи најмногу на кредитите на фирмите, коишто учествуваат со 5,8% во вкупните кредити доделени на корпоративниот сектор. Растот на зелените кредити кај домаќинствата е помал и тие учествуваат со само 0,7% во вкупните кредити на секторот „домаќинства““, велат од Народната банка.
Од Народна банка појаснуваате дека со нивните фокусирани активности за поттикнување и зголемување на свесноста кај домашните кредитори за финансирање „зелени“ проекти, односно поддршката на инвестициите во обновлива енергија, енергетска ефикасност, одржливо земјоделство и технолошки иновации, се има придонесено за зголемување на зеленото кредитирање за речиси 80% крајот на 2019 година. Како што информираат, во истиот период, кредитите имаат пораснато и како удел во вкупните кредити за 0,9 процентни поени.
„Во септември 2022 година, Народната банка донесе одлука за промени кај инструментот за задолжителна резерва, преку кои се поттикнува кредитирањето на проектите поврзани со домашното производство на електрична енергија од обновливи извори. На ваков начин, во услови на енергетска криза и силен раст на глобалните цени на електричната енергија, Народната банка придонесува кон ублажување на притисоците и на структурните проблеми во економијата, а воедно со мерката се поддржуваат и „зелените финансии“ и одржливото финансирање“, се вели во соопштението од НБРСМ.
Од централанта банка информираат дека во тек е и изработка на стратегија за поттикнување на зеленото финансирање, во која меѓу другото е предвидена подготовка на насоки за работењето на банките во доменот на зелените финансии, вклучително и за транспарентното финансирање.
„Се гради и зелено портфолио на хартиите од вредност во девизните резерви, а од годинава Народната банка воспостави и редовен систем на прибирање подетални податоци за зеленото финансирање. За оцена на отпорноста на банкарскиот систем на климатските промени се планираат и редовни стрес-тестови“, се вели во соопштението на НБРСМ.
Климатските промени имаат негативно влијание врз економскиот раст и инфлациските притисоци, особено кај помалку развиените економии, затоа сè повеќе централни банки го гледаат зеленото финансирање како дел од нивниот мандат.