Во Белград се одржа деветтиот по ред протест „Србија против насилството“. Собирот почна пред зградата на српскиот парламент, а заврши пред зградата на телевизијата Пинк.
На насобраните граѓани им се обрати спортскиот коментатор Смилјан Бањац и рече дека масовните трагедии што се случија во Србија биле аларм за будење, но власта тоа не го сфатила.
На протестот беше побарано одземање на националната фреквенција на оваа приватна телевизија, а се бара да ѝ се одземе фрекфенцијата и на ТВ Хепи, како и итно укинување на реалните шоуа, за кои демонстрантите велат дека промовираат насилство, неморал и агресија.
Жељко Митровиќ, сопственикот на ТВ Пинк, како што пренесуваат српските медиуми, реагирал на Твитер дека уредувањето на програмата „не може да биде тема, програмата на телевизијата не ја уредува улицата“.
Според него ако има нешто спорно во врска со програмата на телевизијата, „има институции кои би предупредиле на каква било неправилност што е во спротивност со постоечките закони и прописи“.
Освен во главниот град, викендов протести се одржуваат и во Крагуевац, Ниш, Краљево, Суботица, Нови Сад и уште десетина градови ширум Србија.
Протестите „Србија против насилството“, на покана на некои опозициски партии, се организираат еднаш неделно речиси два месеци и ја претставуваат реакцијата на граѓаните и опозицијата на одговорот на државата по двете масовни убиства што се случија на почетокот на мај годинава.
Првите протести беа организирани на 8 мај во Белград, Нови Сад и уште неколку градови, непосредно по двете масовни убиства во кои загинаа 17 лица, главно деца и млади.