Тешки денови за германското здравство: Илјадници вработени стравуваат за своите работни места

Една од најголемите и најпознати болници во германската покраина Баден-Виртемберг, „Мариенхоспитал“ во Штутгарт, поднесе барање за стечај, што предизвика голема загриженост во германскиот здравствен систем.

Според германските медиуми, во рамките на постапката за несолвентност се загрозени околу 3.000 работни места во повеќе здравствени установи кои се дел од групацијата „Винценц фон Паул Клиникен“.

Судот во Штутгарт одобрил привремено самоуправување, што значи дека болницата ќе продолжи да функционира под постојното раководство додека трае процесот на финансиско преструктурирање.

Од управата уверуваат дека пациентите ќе продолжат да добиваат целосна медицинска грижа без прекин.

„Ќе продолжиме да обезбедуваме квалитетен третман и висок стандард на здравствена заштита за сите пациенти“, соопштиле од болницата.

„Мариенхоспитал“ располага со околу 760 кревети, има приближно 2.000 вработени и годишно лекува околу 30.000 пациенти, што ја прави еден од најважните здравствени центри во регионот на Штутгарт.

Advertisements

Стечајната постапка не ја опфаќа само оваа болница, туку и други поврзани установи, меѓу кои „Винценц клиниката“, „Винценц термите“ и клиниката „Луизе фон Марилак“.

Експертите предупредуваат дека овој случај е знак за сè поголемите финансиски проблеми во германското здравство и покажува дека дури и големите и значајни медицински установи не се имуни на кризата.

Во следниот период ќе се одлучува за иднината на болницата и за судбината на илјадниците вработени кои се соочуваат со неизвесност.