За 30 дена сите ќе знаат кој лаже – Данела Арсовска тврди дека сè е платено во интервју за „360 степени“

За 30 дена сите ќе знаат кој лаже, кој излегува на прес-конференции и кажува невистини. Сметам дека на јавноста и сега и е јасно, но, знаете, за политиканство на некои луѓе никогаш нема да им биде доволно, изјави вечерва градоначалничката Данела Арсовска во интервју за 360 степени.

Во интервјуто градоначалничката Арсовска вината за сообраќајната парализа од изминатите денови ја лоцира кај „Слобода превоз“ зашто, како што рече, сите пари ЈСП ги исплаќало кон ова правно лице со кое имало склучен договор.

Зошто превозниците се жалеа дека пари не виделе, Арсовска ги упати на адреса на „Слобода превоз“ и рече дека за несериозни ги смета тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека од јавниот превоз во Скопје ги истиснува „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ за бизнисот да го преземе бугарска фирма.

Advertisements

На прашање на 360 степени, а што денеска ги постави ВМРО-ДПМНЕ е – зошто повикот за пријавување приватни превозници трае пет недели ако не е точно дека бугарска фирма треба да влезе во играта градоначалничката одговори:

– Затоа што сакаме да дозволиме на сите оние кои сакаат да се пријават да имаат време да се подготват и да ги соберат сите потребни документи. За 30 дена сите ќе знаат кој лаже, кој излегува на прес-конференции и кажува невистини. Сметам дека на јавноста и сега и е јасно, но, знаете, за политиканство на некои луѓе никогаш нема да им биде доволно.

Таа тврди дека до 8 ноември, додека не почнаа протестите и блокадите, ЈСП редовно ги исплаќал парите до „Слобода превоз“.

– Ние знаеме колку средства се исплатени и инстуциите си имаат начин да постапат и да се види која е вистината. Оној што ја направи целата збрка реши да се повлече, да се изолира и тоа доволно кажува. Ниту еден од овие луѓе кои велат дека сакаат чесно да си го заработат лебот нема да дозволиме да остане на улица. Но, некој да манипулира, да тера политика преку нив и да се обидува да го парализира градот, тоа нема да го дозволиме, особено не со закани и со уцени, вели Арсовска во интервју за 360 степени.