Европратеничката Ева Каили, која доаѓа од грчките социјалисти и е една од 14-те потпретседатели на Европскиот парламент, спроведена е на сослушување во Брисел, во петокот вечерта, во врска со истрага за корупција во која е вмешана „земја од Заливот“, објави „Еуроњуз“, повикувајќи се на АФП и на белгискиот весник „Ле Соар“.
Извори од Европскиот парламент за „Еуроњуз“ изјавија дека канцеларијата на Каили била запечатена од белгиската полиција, заедно со канцелариите и на двајцата белгиски социјалистички европратеници, Марија Арена и Марк Тарабела.
„Печатите беа ставени затоа што таа (асистентката) работеше за невладината организација „Борете се против неказнивоста“, верувам, во 2019 “, изјавила Арена за белгискиот весник „Ле Соар“.
Во белгискиот главен град во изутрината во петокот за истиот случај веќе биле извршени четири апсења. Медиумите во Грција и Белгија објавија дека еден од четворицата уапсени е и партнерот на Каили.
Грчката социјалистичка партија ПАСОК, чиј член е Каили, во петокот вечерта објави дека е „исфрлена“ од членство.
„Социјалистите и демократите“ (S&D) во Европскиот парламент го суспендираа членството на Каили „со непосреден ефект“, се вели во соопштението споделено од групата.
The Socialists and Democrats group in the European Parliament has taken the decision to suspend MEP Eva Kaili’s membership of the S&D Group with immediate effect, in response to the ongoing investigations.
— S&D Group (@TheProgressives) December 9, 2022
Канцеларијата на Федералното обвинителство на Белгија соопшти дека заплениле 600.000 евра во готовина, компјутери и мобилни телефони, спроведувајќи претреси на вкупно 14 локации.
„Веќе неколку месеци, истражителите на Федералната судска полиција се сомневаа дека една земја од Заливот влијае на економските и политичките одлуки на Европскиот парламент, тоа се прави со плаќање големи суми пари или нудење големи подароци на трети лица со значајна политичка и/или стратешка позиција во Европскиот парламент“, велат од Канцеларијата на Федералното обвинителство на Белгија.
Обвинителството не ја именуваше земјата која е во центарот на истрагата, но според соопштението упатува на „заливска земја“. Белгискиот весник „Ле Соар“ ја идентификуваше земјата како Катар.
Се верува дека уапсените четворица се италијански државјани, и тоа, директорот на невладината организација „Нема мир без правда“, Николо Фига-Таламанка, лидерот на синдикатот Лука Висентини, поранешниот европратеник на „Социјалистите и демократите“(S&D), Пјер-Антонио Панцери и парламентарниот асистент во групата „Социјалисти и демократи“ (S&D) и партнерот на Каили, Франческо Џорџи, пренесува „Евоњуз“, повикувајќи се на италијанската новинска агенција АНСА.
Каили (44) е поранешна грчка телевизиска водителка и европратеник од 2014 година.
Контактирани од „Еуроњуз“, прес-службите на Европскиот парламент соопштија дека „Европскиот парламент не коментира за судските постапки“.
„Како и секогаш, Европскиот парламент целосно соработува со надлежните национални власти. Истото и во овој конкретен случај“, додаваат тие.