Бројот на млади во земјава опаѓа, а државните и општинските институции не одвојуваат доволно средства за спроведување на политиките за млади.
Ова се главните заклучоци на двете анализи за млади и младински политики кои во пресрет на Меѓународниот ден на младите – 12. Август, денеска беа промовирани од Фондацијата за демократија на Вестминстер.
Организираната конференција за млади беше проследена со панел дискусија со претставници од институциите и младинскиот сектор.
Наодите од анализата „Млади и Попис“ укажуваат дека бројот на млади, на возраст од 15 до 29 години, во државата значително се намалува, односно дека населението старее со 6 отсто помалку млади споредено со пописот во 2002 година. Со други зборови, во 2002 година 24 отсто од населението биле млади, додека пак во 2021 – 18 отсто од населението се млади.
По степенот на образование, најголем дел од младите (48 отсто) се со завршено средно образование, по што следат 30 отсто со завршено основно образование и 14 отсто со завршено високо образование. Иако има пад во младинската невработеност, која согласно последниот попис изнесува 28 отсто, сепак оваа стапка е за 15 отсто повисока од онаа во Европската Унија.
Анализата „Финансирање на младинското учество и политики“ покажува дека иако Законот за младинско учество и младински политики донесен во 2020 година пропишува издвојување на 0,3 отсто од буџетот на национално ниво и 0,1 отсто од буџетот на локално ниво за млади – за институциите сѐ уште е нејасно што се подразбира со ова.
Од тие причини, не може да се утврди колку точно средства се двојат за младински политики. Најголемиот дел од државниот буџет за млади се издвојува за Агенцијата за млади и спорт, но само 4 -5 отсто се трошат на програмата млади, наспроти програмата спорт. Расходите на Агенцијата за млади и спорт (АМС) поврзани со млади, изнесуваат 0,008 отсто од вкупните расходи од државниот буџет.
Овој закон предвидува и формирање и на младински центри во сите општини најдоцна до 2025 година, а во моментов само во осум општини младите имаат пристап до младински центар.
Државата мора итно да почне да ги третира младинските политики како суштински и стратешки приоритет на државата, и уште поважно – да креира стратегии за долгорочно справување со демографските промени во државата и нивните ефекти, стои во препораките на двете анализи.
„Да си млад човек понекогаш значи дека е тешко да бидеш слушнат, важно е институциите да ги гледаат младите како приоритет, не само за прашања како образование и вработување, туку и области како ментално здравје, социјална заштита и квалитет на живот“, изјави Доминик Роудс, раководител за политика и комуникација во Британската амбасада во Скопје.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски изјави дека оваа агенција ги следи младинските состојби и се залага за подобрување на позицијата на младите.
„За АМС е важно преку соработката со тела, како Клубот на млади пратеници и слушање на препораките кои стигаат до нас, да креираме соодветни политики или да отвориме процеси за измени – како што е сега процесот за измени на Законот за млади“, рече Наумче Мојсовски.
Дона Костуранова, директорка на Фондацијата за демократија Вестминстер во Северна Македонија рече дека младите мора да се најдат на листата на приоритети за да се решат нивните проблеми.
„Во држава со сè помалку млади луѓе, мора повеќе да се вложува за да се подобри нивниот живот и иднина во земјата“, изјави Костуранова.
На денешниот настан се обратија и Ѓорги Тасев, советник за млади и младински политики во Владата на Република Северна Македонија, Мариана Ангелова од НМСМ, Апостол Симовски, директор на Државен завод за статистика и Александра Наќева Ружин, советничка на министерот за финансии.
Настанот е организиран во рамки на проектот „Практикувај Демократија“ имплементиран од Фондацијата за демократија на Вестминстер, а финансиран од Британската амбасада.