Димитриевски до СДСМ: „За ваков ли соживот се боревме, молкот е повеќе и од срам“

Го осудувам јавно вчерашниот протокол и организацијата при пречекот на косовскиот премиер Албин Курти во Општина Чаир, како и одлуката за промената на името на улицата Втора Македонска ударна бригада, реагира кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски на социјалните мрежи.

„Неинтонирањето на државната химна, неистакнувањето на државното знаме, интонирањето на химната на друга држава и истакнувањето само на знамињата на заедницата и знамињата на туѓа држава е спротивно на Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија и Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Македонија.

Истакнувањето на обележје на јавен собир во Тетово од т. н. голема Албанија е спротивно на Уставот и Законите на државата, вели Димитриевски.

Advertisements

Тој ги повикува МВР и ОЈО да постапат согласно овластувањата и да преземат постапки против одговорните и сторителите а надлежниот суд истите да ги санкционира доколку, како што вели, се уште оваа власт има супрематија.

Димитриевски поставува јавно прашање до раководството и неговите довчерашни сопартијци:

„За ваков ли соживот и взаемно почитување се боревме под паролата „ Едно општество за сите”?! Како се чувствувате денеска кога спомените на нашите паднати дедовци и баби, партизани, антифашисти од НОБ (од сите народи и народности од Македонија во тоа време) СЕ БРИШАТ и менуваат со имиња на борци за национални каузи? Вие втор ден молчите, а молкот во овој случај е повеќе и од срам“, им порача Димитриевски на социјалдемократите.