Здравствените работници се заканија со протести ако власта не одговори на нивните барања до 20 септември. Тие бараат 30 отсто покачување на платите, нов колективен договор, бенефициран стаж за итната медицинска помош, вработените на ренген и во психијатриските болници.
Додатокот за инфекција да се зголеми на 4 отсто и итно да се промени статусот на работниците кои се со договор на определено.
„Белите мантили“ се со крај на трпение. „Белите мантили“ излегуваат на улица, порачуваат синдикалците.
Независниот синдикат најави дека ќе го поддржи и утрешниот протест за скандалот на Онкологија. Порачаа, „нема да дозволат неколку изроди да ја оцрнат нивната фела“.
Откако ги упатиле своите барања на разговор во Министерството за информатичко и администрација поминало месец и половина и тие не добиле одговор. Во овој синдикат од 25 000 здравствени работници, членуваат 2.500. Поддршка за протестот ќе добијат и од останатите синдикати.
Националниот координатор на Независниот синдикат на здравствените работници при Конфедерација на синдикалните организации на Македонија (КСОМ), Боби Бојчевски вели дека се во контакт со останатите синдикати од здравство за организирање протест и доколку по 20 септември нема одговор на нивните барања, ќе излезат на улица.
„Здравствените работници се донесени на маргините на живеење и едноставно се дискриминирани. Здравството е дојдено на последната скалила на живеење. Затоа ќе повикаме сите заедно, сите сплотено да излеземе да си ги побараме правата за нормален живот во оваа држава. Повторно ќе пратиме известување до министерство и до владата, ако нема одговор, не останува ништо друго, туку на улица“, изјави Бојчевски.
Просечната плата на околу 25 илјади здравствени работници во земјава, истакна Бојчевски е под просечната во државата, посочувајќи дека почетната платата на здравствените работници е 20. 700, на докторите е од 32 до 35.000 , а специјалистите максимум до 45.000.