Незадоволни лозари ќе протестираат вo среда на регионалниот пат Неготино – Кавадарци, информираа денеска од Иницијативниот одбор што го организира протестот кај месноста „Ило Виларов“.
– Протестот ќе започне во десет часот, веќе пријавивме и во полиција. Очекуваме присуство на лозари, незадоволни од откупните цени на грозјето, соопштија од Иницијативниот одбор на револтираните лозаропроизводители.
Оттаму нагласија дека бараат соодветно субвенционирање на лозаропроизводството, да не се зголемуваат цените за надоместок за наводнување, државата да им ги надомести штетите од временски непогоди.
Лозарите бараат да добијат по пет денари за секој предаден килограм грозје, субвенциите од 48.000 денари по хектар кои беа намалени на 40.000 денари по хектар да се вратат по старо и водарината да остане по иста цена.
Тие објаснуваат дека најзастапената сорта на грозје, смедеревката, лани се откупувала по цена од 12,5 денари и плус добиле владина помош од два денари по килограм. Годинава, цената на смедеревката била 14 денари, без дополнителна владина помош, што значи, пониска откупна цена од минатата година.
Цената на вранецот била 17 денари, за денар повисока од ланската, и според лозарите, со тие цени не можат ниту да ги платат препаратите за заштита на лозата, а не пак да очекуваат да имаат заработка.