Македонскиот музичар што го освојува светот Георги Шарески: Најдобрите музичари кои ги познавам се и најдобри луѓе – питоми, мудри, скромни

Георги Шарески е плоден македонски композитор, оркестарски аранжер и гитарист со автентичен и препознатлив стил.

Во 2005 дипломира на катедрата за џез композиција на Беркли колеџот за музика во Бостон, САД. Од 2005 година досега, објави девет албуми со авторска музика, во различни формации, домашни и интернационални изданија, и ја изведува својата музика далеку од границите на Македонија.

Соработува со светски познатите – Francesco Bearzatti, Ernst Reijseger, Boris Bell, Luca Aquino, Nikolaus Neuser и многу други интернационални музичари. Во Македонија најчесто работи со Џијан Емин, Оливер Јосифовски, Александар Петров, и други, а неговата група „Георги Шарески квартет“ беше избрана за еден од најавтентичните европски состави во 2010 од страна нa 12 Points Festival, а во селекција на Improvised Music Company од Ирска.

Advertisements

Во 2009-та и во 2011-та, Шарески објавува два албуми со интернационалното трио/квартет „The Skopje Connection“, а во Италија и двата албуми се избрани помеѓу 10-те најдобри џез албуми за годините во кои се објавени.

Од 2013, Шарески заминува во Берлин, каде што покрај соработките за музика за театар со Neukolln Oper, издава албуми со „Sareski Berlin Unit“ и со триото „The Instincts“. Долгорочно престојувал и творел во САД, Италија, Германија и Кина, а од 2019 година, повторно во неговото родно Скопје.

Во интервју за „Глаголица“ зборува за своето музичко творешетво, предизвиците и инспирациите, за успесите и идните творечки планови.

Кој и што ве инспирираше да земете гитара во раце и да започнете музичка кариера?

– Од секогаш имав голема желба да се занимавам со музика. Гитарата е магичен инструмент. Во рацете држите цел оркестар, а можностите се неограничени. Музиката за мене е нешто драгоцено, нешто магично. Не можеме да ја видиме или допреме, но можеме да ја осетиме, и силно да ни влијае, а тоа е за мене нешто духовно и фантастично. За мене не постои никаква разлика помеѓу медитација и создавање музика. Во периоди кога не работам музика или немам ангажмани, јас сум сосема различен човек, дури би рекол малку непријатен. Кога работам музика сум среќен, продуховен, полн со ентузијазам и мотивација. Музиката е огромен дел од мојот живот и од мојот карактер и душа, а верувам дека мојот прогрес како музичар и моето созревање како човек се едно и исто.

Што беше најголем творечки предизвик во вашата богата и плодна кариера?

– Секој нов проект е нов предизвик. Најголем предизвик е оној каде треба креативно да делувам во време кога сум креативно испразнет или сум преокупиран со други работи. Во последно време станувам подобар во ова, и не дозволувам премногу да ми сметаат надворешни влијанија во креативниот процес. Неколку пати сум бил во непријатна ситуација на непотребен предизвик, а тоа е кога некој од мене бара да свирам или компонирам на начин кој за мене не е својствен, и нема никаква врска со тоа што јас го правам најдобро. Се научив да ги одбегнувам ваквите проекти, и да бидам бескомпромисен во мојот израз и стил, а од тогаш сум посреќен човек.

На кои настапи и ваши музички дела најмногу се гордеете?

– Моите оркестарски композиции „Ел Матадор“ и „Дрлка“, а во изведба на магичниот оркестар на Џијан Емин, се две од омилените мои дела. Достапни се на јутјуб, а наскоро ќе бидат објавени на новиот албум на Џијан. Најмногу сакам да пишувам за оркестри, а ретко имам таква шанса, и многу сум задоволен и среќен со моите две последни оркестарски композиции. Многу се радувам и на мојот последен дуо албум со Марко Јовановиќ. Мојот најинтимен албум досега, во кој успеав да ја отсликам мојата душа. Овие работи ме прават среќен и исполнет, а се гордеам со некои други работи, неповрзани со музиката.

Дали се водите од некои принципи или референтни точки по кои ги подготвувате репертоарите за вашите  настапи?

– Кога не настапувам со материјал од конкретен албум, секој мој настап има уникатен репертоар на мои авторски композиции. Веќе имам толку многу мои композиции, што можам на секој концерт да свирам различен репертоар на жанровски неограничени песни, во било каков состав, а секоја песна секогаш во различна изведба. Често пати, кога свирам во состав со музичари кои добро познаваат поголем дел од мојот репертоар, не се водиме по никаква листа, туку свириме без договарање и се претвораме во еден единствен организам.  На кратко, сите мои настапи се единствени, внимателно испланирани  или сосема спонтани, неповторливи и исполнети со авторска, досега не чуена музика.

(Фото: Александар Ристовски)

Како гитарист, оркестарски аранжер и композитор, која е вашата дефиниција за успех?

– Да може да се живее од компонирање и од музика е навистина привилегија. Посебно кога станува збор за авторска музика. Да го видам целиот свет преку мојата музика, нешто во што толку многу уживам, а патем за тоа да бидам платен, а мојот труд препознаен и ценет, тоа е за мене среќа и успех. Но, оној најголем успех е, верувам, кога делото ќе го надживее композиторот, а се надевам дека барем мал дел од мојот опус ќе биде присутен долго после мене.

По долгогодишна соработка со интернационални музичари, како и престој, творештво и настапи во САД, Италија, Германија и Кина, во 2019 година се враќате во Македонија, дали нашата музичка средина е доволно инспиративна за вашето музичко творештво?

– На мене ми е многу убаво што сум дома, предолго бев странец, а да си странец е понекогаш исцрпувачки. Ја сакам мојата земја, и инспиративно ми е што сум тука и што сум блиску до моето семејство. Среќен сум што досега поминав еден многу уникатен и многу шаренолик животен пат, и сум многу возбуден за мојата иднина, а во моментов немам никаква потреба или желба повторно да заминам од Македонија. Убаво е да се живее и да се работи во странство, да се направи дом далеку од дома, да се интегрира во ново општество и да се адаптира на нова култура, посебно поради тоа што во годините надвор од мојата земја научив вистински да ја сакам и ценам Македонија, со сите нејзини маани и недостатоци.

(Фото: Мите Кузевски)

Што сметате, кои се најважните идеи и концептите кои треба да им се пренесат на идните џез музичари во Македонија?

– Сметам дека секој музичар треба да цели кон автентичност. Да ја запознае и да ја изучи традицијата, техниките на големите мајстори, да научи на памет безброј џез стандарди, да слуша и да анализира, но и да развива свој уникатен пристап кон импровизација и кон композиција, а најважно од се, да работи на својот карактер. За ова е потребно да се излезе од комфорната зона, да еволуира вкусот, да се читаат книги, да се гледаат филмови, да се пробуваат нови работи и да се откриваат нови светови. Најдобрите музичари кои ги познавам се и најдобрите луѓе кои ги познавам. Питоми, мудри, скромни, забавни и убави. Нивниот карактер е присутен во нивната музика, затоа е и таа убава.

Неодамна во Скопје го одржавте концертот „Дуети“, на кој беа изведени ваши авторски композиции, а имаше и македонска промоција на вашиот нов албум „Big Love“. Колку е „голема љубовта“ на македонската публика кон џезот или попрецизно, кон вашето автентично музичко творештво? Дали сте задоволни од приемот на публиката, нејзината реакција ве инспирира?

– На моите концерти, половина од публиката се мои пријатели и познаници, а посебно убаво ми е да настапувам за луѓе кои ги познавам и ги сакам. Од секогаш сум добивал голема поддршка од моето семејство, моите пријатели, моите соработници, македонските музички критичари и новинари, и од македонските љубители на џез и современа музика. Музиката која ја создавам е необична и несекојдневна, а кога е примена со гласен аплауз, тоа е за мене силна мотивација и чиста инспирација. Концертот во филхармонија го организирав сам и помина одлично, Марко и јас бевме беспрекорно сихноризирани и навистина се поврзав со публиката, а тоа е една од најубавите работи што можат да ми се случат за време на настап. Тогаш свирам најдобро.

(Фото: Мите Кузевски)

Кои се вашите идни творечки планови, што може да очекуваме ново од вас?

– Во 2023 ќе бидат интернационално објавени вкупно четири мои албуми, албумот на дуото со Марко Јовановиќ, албум со мојот берлински квинтет, и два албуми со моето интернационално трио „ Д Инстинктс“, со кое ќе имаме и и мала турнеја во Германија, Австрија, Словенија, Србија и Македонија во ноември. Со Марко Јовановиќ  веќе добиваме „букинзи“ за концерти на различни европски фестивали за 2023 и 2024 година, на кои ќе го промовираме албумот „Голема љубов“. Планираме и снимање на нов албум со дуото во април, продолжение на „Big Love“. Во Берлин ќе имам и музички работилници и концерти со проектот U.N.D.die Band со Оливер Потрац, Борис Бел и Антонис Анисегос, а ќе соработуваме и со неколку музички школи од Брандербург.  Ќе бидам присутен и на домашната музичка сцена со моето трио со Оливер Јосифовски, Александар Петров и многу други соработници. 2023 година изгледа одлично, а идната година ова време ќе бидам подобар музичар и попродуховен човек од сега.

(Автор на насловна фотографија: Мите Кузевски)