Советот на јавни обвинители ја елиминираше обвинителакта Фатиме Фетаи која имаше желба да стане државна јавна обвинителка. Според членовите, таа немала комплетна документација. Таа нема да стигне ниту до гласање, а заклучокот беше едногласен. Ова значи дека таа нема да има можност да достави документација која и недостасува до Советот, туку излегува од трката, јави порталот Скопје1.
Позитивно мислење доби јавниот обвинител од ЈО на РСМ, Љупчо Коцевски кој е дел и од Управниот одбор на Академијата за судии и обвинители, како и член на дисциплинската комисија во Јавното обвинителство. Кариерата ја почнал како адвокат, па потоа бил дел од Вишото ЈО во Гостивар, а од пред извесно време е дел од републичкото ЈО.
Членовите на Советот едногласно дадоа позитивно мислење за Коцевски. Сметат дека тој има големо искуство и ги познава состојбите во Обвинителството.
На огласот за нов државен јавен обвинител пријавени се тројца кандидати – Фатиме Фетаи од Вишото јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје и Љупчо Коцевски од Јавното обвинителство на РСМ.
За обвинителката Лидија Раичевиќ сите дадоа негативно мислење. Обвинителите кои се вклучија во дискусијата ја пофалија за поднесената стратегија за тоа како би ја извршувала функцијата, но сметаа дека Раичевиќ пред се не би можела да се носи со организација на институцијата.
Советот на ЈО, согласно законските рокови, треба во рок од 15 дена да даде позитивно или негативно мислење до Владата, по што Владата до Собранието предлага еден од кандидатите што добил позитивно мислење.