Многу сме блиску до создавање таканаречени вакцини против ракот и имуномодулаторни лекови од нова генерација, изјави рускиот претседател Владимир Путин, пренесува Ројтерс.
„Се надевам дека тие наскоро ефикасно ќе се користат како методи за индивидуална терапија“, додаде рускиот претседател, зборувајќи на форум за идните технологии.
Путин не прецизираше на кои видови рак ќе целат најавените вакцини, ниту како.
Бројни земји и компании работат на вакцини против ракот. Минатата година британската влада потпиша договор со компанијата Бајонтек со седиште во Германија за почнување клинички истражувања кои обезбедуваат „персонализирани третмани на ракот“, со цел да достигнат 10.000 пациенти до 2030 година.
Фармацевтските компании Модерна и Мерк енд ко развиваат експериментална вакцина против ракот, за која студија во средната фаза покажала дека ги преполовила шансите за рецидив или смрт од меланом – најсмртоносниот рак на кожата – по три години лекување.
Во моментов постојат шест лиценцирани вакцини против хуманите папилома вируси (ХПВ) кои предизвикуваат многу видови рак, вклучувајќи го ракот на грлото на матката, според податоците на Светската здравствена организација, како и вакцини против хепатит Б, кој може да доведе до рак на црниот дроб.