Во моментов на интернет има многу емотивни, хистерични, провокативни содржини. Јасно е дека оваа монструозна трагедија буди многу емоции, но за жал, нашиот свет покажува дека ниту еден град или земја не може да биде целосно имун на заканата од тероризам. Разузнавачките служби работат неуморно. Тие се справуваат со сите закани, со сите предизвици со кои се соочува нашата земја“, одговори портпаролот Дмитриј Песков на новинарски прашања, а како што јавува Си-Ен-Ен, тој одбил да коментира и за тоа дали Москва го примила предупредувањето од САД за можен терористички напад.
Кремљ денеска не ги коментираше тврдењето на џихадистичката терористичка група „Исламска држава“ (ИД) која презеде одговорност за нападот во близина на Москва, во кој загинаа 137 лица.
Терористичката ИД, против која Русија се бори во Сирија и која е активна во рускиот регион на Кавказ, ја презеде одговорноста за нападот, но руските власти го игнорираат признанието и навестуваат вмешаност на Украина, што Киев и Западот жестоко го негираат.
Три дена по трагедијата, голем број прашања остануваат неодговорени, особено во врска со идентитетот и мотивите на четворицата осомничени.
Портпаролот Песков денеска не одговори на тие прашања.
– Истрагата е во тек и би било погрешно администрацијата на претседателот да коментира за нејзиниот напредок, изјави тој пред новинарите.
Киев негира секаква поврзаност со грозоморниот напад. И Европската Унија ја демантира верзијата на рускиот претседател.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков ги заобиколи и прашањата за тоа дали терористичкиот напад во Москва претставува неуспех на руските разузнавачки служби.