Филипче на младите лекари им вети дека заедно ќе креираат политики кога ќе стане пратеник

Силно верувам во младите лекари и специјализанти и секогаш ќе ги застапувам нивните интереси, пишува на Фејсбук носителот на листата за пратеници на СДСМ и коалицијата во Изборна единица 4, Венко Филипче кој денеска се сретна со млади лекари во Струмица.

„Како иден пратеник заеднички ќе креираме политики, а во мене секогаш ќе имаат партнер. Нивниот труд мора да се вреднува, уште еднаш им изразив поддршка на нивните барања, за покачување на месечниот надомест во висина на просечна плата, платени дежурства и платено здравствено осигурување. Ми беше чест денеска да сретнам дел од нив во неформална атмосфера. Разговаравме како заеднички да ја унапредиме нивната позиција“, вели Филипче.

На средбата неврохирургот Филипче истакна дека како пратеник ќе се залага да се создаде квалитетен и долгорочно одржлив систем за здравствена заштита, како и дека ќе се залага за носење политики кои ќе спречат одлив на лекари и друг медицински персонал надвор од државата.

„Моите млади колеги секогаш во разговорите кои ги водам со нив, покажуваат дека имаат зрел пристап кон сложеноста на здравствениот систем. Затоа ќе продолжам да ги застапувам вашите интереси и давам безрезервна поддршка на вашите конструктивни предлози и иницијативи“, рече Филипче на средбата.