Фискалната децентрализација влијае врз економскиот развој, односно развиените земји имаат во просек повисоко ниво на фискална децентрализација во однос на земјите во развој. Ние сме земја со среден степен на фискална децентрализација и затоа треба да работиме на нејзино унапредување. Оттаму, предлагаме реформа којашто се состои од три столба за зголемување на фискалниот капацитет на општините, нивно домаќинско работење и зголемена транспарентност, пишува министерот за финансии Фатмир Бесими во неговата колумна посветена на фискалната децентрализација.
– Градењето добар и функционален систем на јавни финансии е основа за одржлив економски раст. Процесот на фискална децентрализација е дел од тој систем. Како што спомнав погоре, повеќе истражувања покажуваат позитивна корелација помеѓу степенот на фискална децентрализација и нивото на економски развој. Просечното ниво на фискална децентрализација во развиените земји е повисоко во однос на земјите во развој. Економскиот развој во повеќето земји во транзиција, исто така, вообичаено е поврзан со растот на степенот на децентрализација. Но, секако, оваа позитивна корелација е условена и со институционалниот т.е. фискалниот капацитет на локалната самоуправа, што во случајот на нашата земја може да биде и инверзен фактор во оваа позитивна корелација без зајакнување на капацитетите на локалната власт. Сепак, постојат и исклучоци, како и различни модели на фискална децентрализација, коишто зависат и од нивоата на власт,пишува Бесими.
Тој наведува дека доколку се разгледат последните расположливи податоци на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за учеството на приходите на локално ниво (единиците на локалната самоуправа) во БДП, може да се забележи дека во Европа, Шведска има најголемо учество на локалните приходи во БДП со 16%, понатаму Финска и Данска со учество од 14,79% и 14,12%, респективно, Исланд со 11,7% и Норвешка со 9%. Учеството на приходите на ЕЛС како процент од БДП во 2019 година во Република Северна Македонија изнесува 5,4% (според ревидираните податоци за БДП од страна на Државниот завод за статистика). За споредба со земјите од регионот, гледано според Извештајот на мрежата на асоцијации на локалната власт на земијте од Југоисточна Европа (каде што според прелиминарни податоци за РСМ изнесува 4,9%), фискалната децентрализација е пониска во случајот на БиХ (4,5%), Албанија (3,6%), Турција (3,5%) и Словенија (4,7%), додека повисока во однос на Хрватска (7,4%), Црна Гора (6,5%) и Косово (7,7%). Од друга страна, учеството на приходите на ЕЛС во БДП во случајот на Западен Балкан изнесува 5,6% и истото е за 5 процентни поени пониско од просекот на ЕУ (10,6%), пишува Бесими во својата колумна.
Министерот за финансии истакнува дека со цел унапредување на фискалната децентрализација, предвидени се повеќе активности и мерки коишто се групирани во три столба, и тоа: подобрување на фискалниот капацитет и зголемување на приходите на општините, зголемување на фискалната дисциплина, како и на транспарентоста и отчетноста во нивната работа.
Првиот столб, или подобрувањето на фискалниот капацитет и зголемувањето на приходите на општините, ќе се спроведе преку повеќе активности коишто предвидуваат раст на средствата што им се распределуваат на општините од наплатените давачки во централниот буџет, зголемување на сопствените приходи на општините и формирање фондови коишто ќе го поддржуваат добриот перформанс.
Вториот столб, којшто е во насока на зголемување на финансиската дисциплина на општините, намалување на долговите и домаќинско работење, предвидува активости во насока на мерки за реално планирање на приходите и расходите на општините, рационализација во работењето и намалување на непотребните расходи, редовно сервисирање на обврските, поголема финансиска дисциплина, процедури за прогласување финансиска нестабилност, издавање општински обврзници и анализа на постојните обврски на општините и јавните претпријатија.
Во насока на зголемување на транспарентноста и отчетноста, односно во рамките на третиот столб на унапредување на фискалната децентрализација, ќе се зголеми контролата од страна на државата, особено од страна на финансиската инспекција во поглед на Законот за пријавување и евиденција на обврските и пријави за непочитување на Законот за финансиска дисциплина, ќе се носат мерки за зголемување на транспарентноста на општините преку објавување на финансиските извештаи на транспарентен и разбирлив начин, а ќе се дејствува и кон зголемување на отчетноста за користење на буџетските средства, пишува министерот Бесими.